Лекции од минатото за идните вештини: IX Регионална ЕПАЛЕ Конференција во Словенија

Прекрасниот словенечки град Блед беше домаќин на значаен настан за професионалците во областа на образованието на возрасните – IX Регионална ЕПАЛЕ Конференција која се одржа на 25 и 26 септември 2025 година во Хотел Компас. Под наслов „Обликување на иднината преку лекциите од минатото“, конференцијата собра експерти и практичари од целиот регион за да дискутираат за клучната улога на образованието како одговорот на предизвиците на современото општество.

Фокус на идните вештини и регионалната соработка
Конференцијата, организирана од Националната служба за поддршка (НСП) на ЕПАЛЕ Словенија и CMEPIUS, заедно со ко-организаторите од Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Р.С. Македонија и Хрватска, стави акцент на развојот на идните вештини со цел да се дознае како образованието на возрасните може да придонесе кон тоа.
Учесниците истакнаа дека регионалната соработка е од суштинско значење за усогласување на образовните политики и за подобро прилагодување на новите технологии и барањата на пазарот на трудот.

Клучни теми и сесии
Првиот ден од конференцијата беше посветен на националните политики и иницијативи во земјите учеснички. Претставници од шест земји ги споделија своите искуства и увиди, отворајќи пат за дискусија за најдобрите практики во областа. Теја Долган, раководител на секторот за образование на возрасни, Министерство за образование на Словенија говореше за „Обука на возрасни во Словенија: Одговор на Унијата на вештини на ЕУ“.

Вештините кои ја обликуваат идната македонска економија: Оваа тема беше претставена од Горан Спасовски претставник на Maкедонскиот Центар за стручно образование и обука кој ја нагласи потребата од постојано усовршување и преквалификација на работната сила. Третиот говорник Весна Новаковиќ презентираше на тема: „Вештини за иднината: Предизвици во Босна и Херцеговина“. „Образование на возрасни во Црна Гора – лекции од минатото за вештини на иднината“ е насловот на темата на која говореше Весна Гајевиќ како национален црногорски ЕПАЛЕ координатор и претставничка на Министерството за образование, наука и иновации на Црна Гора.

Многу интересна беше и хрватската презентација „Учење на возрасни за вештините на иднината во Република Хрватска: Трендови и искуства“ а говореше Ивана Дробац Керн во својство на раководител на Одделот за Образование и кариерно насочување. Последна презентираше Ана Јовановиќ, ко-основач на Кројачева школа за „Идни вештини во Србија: меѓу предизвиците и можностите“. После претставувањето на постигнувањата и искуствата на претставниците на сите земји учеснички следеше заедничка дискусија на тема: „Обликување на иднината преку лекциите од минатото“.


Вештачката интелигенција во акција
Во рамките на вториот ден како врвен момент се издвои работилницата „Вештачката интелигенција во акција“. Оваа сесија, водена од Ајда Новак како експерт од OTB Marketing, практично ја презентираше примената на Вештачката интелигенција во сите сфери на општественото живеење, со посебен осврт кон едукацијата и развојот на креативни содржини. Учесниците добија увид во тоа како ВИ може да стане моќна алатка за едукаторите на возрасни, подобрувајќи ги методите на учење и промовирајќи дигитална писменост.

Потврда за важноста на доживотното учење
Конференцијата во Блед уште еднаш ја потврди посветеноста на регионот кон доживотното учење како столб за одржлив развој. Претставниците се согласија дека адаптацијата кон новите технологии, пазарот на трудот и потребата за нови вештини е заедничка цел која бара континуирана регионална соработка и размена на знаења.

IX Регионална ЕПАЛЕ Конференција не само што овозможи плодна размена на искуства, туку и постави јасни насоки за идните заеднички активности на Националните служби за промоција и поддршка на доживотното учење.
