Австриски наставници во посета на ООУ „Св. Кирил и Методиј“ – Бучин: Почеток на нова европска соработка

Во текот на летниот распуст ООУ “Св. Кирил и Методиј” Бучин од Општина Крушево го посетија претставници на приватното основно училиште Private katholische Mittelschule Oberland (PMSO) Ludesch од Австрија.
Целта на посетата е наставниците од Австрија да се запознаат со образовниот систем во Македонија, наставните програми и методологиите кои се применуваат во училиштето, како и со културните особености на регионот.

За време на посетата се разговараше за можностите за идна меѓусебна соработка. Договорена е посета на ученици и наставници од австриското училиште на селата Бучин, Светомитрани и Пресил каде има свои објекти основното училиште во Бучин. Посетата треба да се реализира во текот на месец октомври. Исто така се договори и повеќегодишна соработка за следниот период и заедничко аплицирање на европски образовни програми.

Очекувањата се дека оваа посета ќе биде одлична основа за идна успешна соработка и размена на искуства и практики. Двете страни се надеваат дека ќе успеат да воспостават долгорочни партнерства и да реализираат заеднички проекти финансирани од европските фондови, со што ќе придонесат за унапредување на наставата и подобрување на квалитетот на образованието.
Доаѓањето на австриските наставници е значаен настан за училиштето во Бучин, затоа што на тој начин се потврдува посветеноста кон интернационализација на образованието и воспоставување врски со училишта од Европа.





