Изложба на Тома Димовски во Крушево: „Крај на патувањето, почеток на фантазиите“

Во рамките на овогодишната програма на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“, љубителите на ликовната уметност имаа можност да ја посетат изложбата на македонскиот уметник Тома Димовски, насловена „Крај на патувањето, почеток на фантазиите“.
Зборот патување означува движење на луѓето од едно место кон друго, но во поново време со овој збор се означува мисловен процес со кој човек има нереални идеи и нереални планови за неговата иднина. Овие два вида на патување понекогаш се случуваат заедно, понекогаш се едно после друго. Што се случува кога ненамерно или намерно престојуваме за прв пат во некое место и запознаваме нови луѓе, стекнуваме нови пријателства?

Впечатоците се толку големи. Возбудата е голема. Размената на идеи може да биде фантастична. После враќањето дома, овие убави чувства го збогатуваат нашиот живот и ја оплеменуваат секојдневната рутина во која живееме. Човековата психа и ум се чудо. Со нивна помош човек ги филтрира сеќавањата и често се случува после вакви патувања и нови впечатоци и нови познанства, да се паметат само убавите сеќавања.

Понекогаш убавите искуства се испреплетуваат со плановите за нови средби со новите пријатели и создаваат чудни приказни во нашите глави. Ваквите позитивни чувства, ја будат креативноста и сликите од моментите во кои сме биле, ги преточуваат во апстрактни форми и цртежи. Овие форми, намерно или ненамерно, не ги пренесуваат приказните до крај.

Овде започнува другиот вид на патување, патувањето во нашите умови и нашите срца.
Изложбата претставува длабоко визуелно и емотивно истражување, каде што секој изложен експонат означува завршеток на едно креативно и животно трагање, но истовремено ја отвора вратата кон нови, неограничени светови на имагинацијата. Преку специфичен ликовен израз и богат колорит, Димовски ја понудува својата перспектива за преминот меѓу реалното искуство и уметничката фантазија.
Овој настан е значаен дел од културната понуда на манифестацијата, збогатувајќи го уметничкиот дух со кој Крушево традиционално заживува за време на празничните денови.



