| |

Денес е празникот Младенци

Сподели на:

22 Март е денот кој традиционално е посветен на младите брачни парови кои стапиле во брак после 22 март во текот на претходната година. По повод празникот Младенците дома пречекуваат гости кои им носат подароци. Според традицијата жените треба да станат рано и да замесат 40 колачиња кои ќе претставуваат симбол за почеток на заеднички сладок живот кој треба да биде долг и среќен. Освен колачиња традиционално се јаде и мед на денешниот ден. Интересно е симболиката на бројот 40 затоа што со оваа бројка се поврзуваат голем број на адети како на пример: пиење на 40 чаши ракија или вино, каснување 40 лажици пченка, собирање и јадење на 40 полжави, 40 сарми, сучење на 40 кори, 40 тиганици…Доста познат е обичајот во Штип кој е наречен „Четрсе“. Ова име го означува бројот на камчиња кои младите штипјани треба да ги соберат додека се качуваат на Исарот. Oд врвот на Исарот треба да фрлат 39 камчиња, а последното 40-то камче го задржуваат за себе сите млади кои се немажени или неженети. Тоа камче вечерта треба да го стават под својата перница и на сон ќе им се појави момчето или девојката со која ќе стапат во брак. Во регионот на Крива Паланка на овој празник има обичај да се претставуваат младите невести така што заедно со своите свекрви одат во црква, носејќи некаков дар, погача, свеќа….Снаите се поклонуваат пред црквата и попот каде треба да го остават дарот.

Во врска со овој ден има многу верувања, како на пример дека ако некој човек е гладен и како што се вели „на гладно срце“ утрото слушне песна од кукавица, ластовица или друга птица, тогаш тој ќе биде разбиен од нив, а тоа ќе значи дека или ќе се разболи или цела година нема да има никаков напредок. Јордан Хаџи Константинов-Џинот во 1852 год. во „Цариградски весник“ во однос на овој празник го напишал следново верување „Сите, мали и големи треба уште во постела да каснат по еден залак леб, за да не ги „пробие“ ненадејно ластовица, дури до Благовец. Исто така, ќе се чуваат и од штрк, да не го видат со боси нозе, т.е. без чевли“. Во Скопско верувале дека ако ги разбие пупунецот ќе им смрди душата, а ако ги разбие грлицата многу ќе кршат садови во текот на годината. Колку ластовици ќе видел човек на овој ден со толку облека ќе се подновел во текот на годината.

Долгогодишна традиција во празнувањето на овој ден имаат и битолчани кои ја посетуваат црквата „Свети 40 Севастиски маченици“. Црквата била подигната пред 150 години, на местото каде постоел некогашниот манастир „Свети Атанасие“, а оваа локација битолчани ја нарекуват Кркардаш. Од генерација на генерација се пренесува дека кога турскиот аскер го освојувал градот Битола, калуѓерите од манастирот пружиле жесток отпор борејќи се на тој начин што во едната рака носеле крст а во другата меч.

Според верувањето црквата е изградена точно до големиот бел камен каде биле убиени 40-те маченици. Каменот и денес е неделив дел од црквата. Прилепен е од надвор на еден од ѕидовите, па тука верниците палат свеќи. Од другата страна на ѕидот, внатре во црквата, направено е посебно место со икони и кандила, а тече и лековита вода. Во чест на овие 40 калуѓери кои загинале во битката, подигнат е манастирот „Св. 40 маченици“.

Македонската православна црква денеска го празнува споменот на Четириесет маченици во Севастија – Младенци, кои маченички загинале за Христовата вера. Во 320 година, за време на владеењето на императорот Ликиниј, тие го прифатиле христијанството и покрај тоа што било најстрого забрането. Како казна сите 40 војници биле погубени. Црквата посочува дека сопружниците треба да бидат верни еден на друг, исто како што паднатите војници му беа верни на Христа, но и на фактот дека љубовта меѓу сопружниците треба да надминува секакво искушение.

Сподели на:

Слични Написи