Охрид и Велгошти подготвени за традиционалната манифестација „Вечер на Живко Чинго“

Општина Охрид, ООУ „Живко Чинго“ и Месната заедница Велгошти упатуваат отворена покана до сите љубители на пишаниот збор, културата и традицијата за присуство на традиционалната културна манифестација „Вечер на Живко Чинго“.
Манифестацијата ќе се одржи на 13 август 2026 година (четврток), со почеток од 20:00 часот, во атарот на црквата „Света Петка“ во село Велгошти.
Богата културна и уметничка програма
Настанот во чест на еден од најголемите македонски прозаисти ќе биде одбележан со свечена програма што опфаќа официјални обраќања, доделување награди и музичко-уметнички перформанс:
Ќе биде положено цвеќе пред спомен – обележјето на Чинго, по што ќе биде доделена наградата на за најдобар расказ на годинашниот добитник д-р. Марјан Патлиџанковски, за делото „Службен пат до Тирана“. Ќе следи почесна беседа посветена на ликот и делото на Живко Чинго од страна на академик Катица Ќулавкова.
Музички и фолклорен дел
Во вториот дел од вечерта, присутните ќе уживаат во богата културно-уметничка програма:
- Музички проект „МАКЕДОНИУМ“: Настап на уметниците Бојан Маркоски (хармоника), Стефан Чеменкоски (кларинет), Ѓоко Чеменкоски (вокал), Владимир Србиноски (пијано), Виктор Србиноски (виолина), Ристе Довлев (виолина), Величе Затуроски (клавир) и Димитар Трпеновски (кахон), придружувани од рецитаторите Софија и Виктор Милески.
- Фолклорен перформанс: Настап на КУД „Илинден“ – Велгошти.
Организаторите ве покануваат заедно да му оддадеме почит на големиот македонски раскажувач во автентичниот амбиент на Велгошти.
