Во Крушево се одржа научниот симпозиум „Илинден – хоризонти на македонската историска наука“

Во рамките на овогодишното издание на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“, Крушево уште еднаш потврди дека е центар на македонската историска и културна меморија. Во организација на Институтот за национална историја и Националната установа – Центар за култура „Десет дена Крушевска Република“, се одржа научниот симпозиум насловен „Илинден – хоризонти на македонската историска наука“.
Овој научен собир, кој oткако се возобнови, годинава се одржува по трет пат како дел од програмата за одбележување на 123 годишнината од Илинденското востание и Крушевската Република, прераснува во значајна традиција што ги обединува историската наука, културата и националната меморија.

На отворањето беше истакнато дека Крушево не е само место на сеќавање, туку и простор каде што историјата постојано се преиспитува, истражува и научно се вреднува. Главната мисија на симпозиумот е преку аргументирана научна расправа и нови истражувања да придонесе кон подлабоки сознанија за Илинден и неговото трајно значење во македонската историја. Научните трудови на еминентните учесници на симпозиумот ќе се објават во Зборник на трудови „Прилози за Илинден“ кој ќе се издаде по 13 пат.
Еминентни научни работници со свои истражувања
На симпозиумот со свои научни трудови и реферати зедоа учество истакнати професори и истражувачи:
- Проф. д-р Марјан Иваноски
- Проф. д-р Александар Симоновски
- Д-р Зоран Богески
- Д-р Марјан Гијовски
- Проф. д-р Невен Радически
- Проф. д-р Ленина Жила
- Д-р Јасминка Дамјановска
Нивните истражувања и научни излагања дадоа исклучителен придонес кон отворањето нови перспективи за историските процеси поврзани со Илинденскиот период.
Инаку, овогодишното издание на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ понуди одлична и содржајна програма, која привлече голема посетеност и широк интерес кај публиката.
