| |

Емотивна вечер во Охрид: Јаков Јозиновиќ го освои Античкиот театар

Сподели на:

Понекогаш еден концерт не се памети по бројот на испеаните песни ниту по техничката продукција, туку по емоцијата што останува долго откако ќе се изгаснат рефлекторите. Токму таква магија се случи синоќа во Античкиот театар во Охрид, каде што Јаков Јозиновиќ приреди музичко доживување кое повеќе наликуваше на заедничко славење отколку на класичен концерт.

Публиката како главен придружен хор

Уште од првите акорди беше јасно дека ова ќе биде уште еден одличен настан во организација на Евентум. Преполниот амфитеатар пулсираше во еден ритам, а илјадниците посетители ја презедоа улогата на главен придружен хор. Во повеќе наврати се чинеше дека Јозиновиќ само го диригира темпото, додека публиката суверено го водеше целиот концерт.

Амбиентот на Античкиот театар си го направи своето. Вековните камени трибини, пријатната летна ноќ и отвореното охридско небо беа современа сцена каде секоја балада звучеше дополнително емотивно, а секоја брза нумера се претвораше во масовна журка. Концертот ги обедини сите генерации – пееше и помладата публика, но и повозрасните кои пораснале со безвременските хитови што Јаков ги интерпретира на свој, автентичен начин.

Концерт што се претвори во средба со пријатели

Она што најмногу го издвојува младиот хрватски пејач од многумина современи изведувачи е неговиот искрен пристап. Тој не се обидува да ја надгласа публиката, туку ѝ остава простор да стане клучен дел од приказната. Затоа неговите настапи не делуваат како класични концерти, туку како топли средби со луѓе кои одамна ги знаат песните и ги живеат истите емоции.

На репертоарот се нижеа неговите најпознати композиции, но и препознатливите интерпретации кои веќе станаа негов заштитен знак. Аплаузите беа постојани и гласни, а многумина останаа на своите места и долго по последните акорди, не сакајќи да заврши оваа музичка бајка.

Јаков Јозиновиќ веќе не е само моментален феномен

По распродадените концерти ширум регионот, синоќешниот спектакл во Охрид уште еднаш потврди дека популарноста на Јаков Јозиновиќ не е случаен или моментален тренд. Неговата кариера се претвора во сериозна концертна приказна, а Македонија очигледно станува една од неговите најцврсти бази каде што публиката расте со секој нов настап.

Сподели на:

Слични Написи