Симболот на верата и мајчинството: Приказната за Богородица
Празникот Успение на Пресвета Богородица се слави на 28 август. На овој празник му претходи двонеделен пост што започнува на 14 август, на празникот Св. Седум маченици Макавејски. Меѓу дванаесетте големи христијански празници спаѓа и празникот Успение на Пресвета Богородица, во народот познат како Голема Богородица. На многу места низ Македонија на овој ден по црквите и манастирите кои го носат името на Пресвета Богородица се организираат големи народни собири.

На иконите Успението на Пресвета Богородица е насликано на овој начин: На одарот е поставено телото на Богородица. Околу неа се народот и апостолите. До одарот во средината е нејзиниот син Исус кој во рацете го држи нејзиниот дух во форма на новороденче, или нејзиното тело во минијатурна форма. На некои фрески меѓу апостолите што го носат ковчегот со телото на Богородица насликан е и свештеникот со пресечените раце.

Мајката на Спасителот Исус Христос е заштитничка на леунките и на жените им помага при породувањето. Исто така и жените што немаат деца веруваат дека со милоста на Пресвета Богородица ќе добијат рожба и затоа ги посетуваат нејзините цркви, изведуваат некои обичаи, се молат и принесуваат дарови. Мала и Голема Богородица, Собор на Пресвета Богородица, Воведение на Пресвета Богородица (празник познат уште и под името Света Пречиста), Свето Благовештение, Богородичин појас, Покров на Пресвета Богородица – се празници кои Македонците ги прославуваат во чест на Богородица.
По раѓањето на Исус Богородица живеела уште 48 години, извесен период кај Јосиф, со синот Исус, а по неговото распетие и воскрeсение кај неговиот ученик и апостол свети Јован Богослов. Кога Исус бил распнат на крстот, Богородица стоела покрај него и плачела. Исус ѝ порачал во иднина да живее кај апостолот Јован и да го сака како да е нејзин син, а нему му порачал да ја има за своја мајка.
Куќата во која живеела Богородица
Куќата во која живеела Богородица во Ефес
Малечка камена куќичка опкружена со дрвореди во подножјето на Булбул планина близу Ефес, Турција е местото каде секогаш има многу посетители. Тоа е куќата на Пресвета Богородица, каде се верува дека живеела после смртта на Исус. Иако секогаш има многу луѓе, на ова место е многу тивко, а статуата на Богородица со раширени раце ги пречекува сите. Според Библијата, Свети Јован ја повел Богородица со себе во Ефес, каде продолжиле да го шират христијанството. Има верувања дека дел од последните свои години од животот, Богородица ги поминала во скромна камена куќарка во Ефес, денешна Анадолија, Турција.
Богородица често го посетувала гробот на својот син и го молела што побргу да ја земе кај себе

Господ Исус Христос ѝ пратил вест дека се ближи времето кога и таа ќе му се придружи на небото. Архангел Гаврил прв ѝ ја соопштил убавата вест на Богородица дека таа ќе го роди Спасителот. Истиот Архангел Гаврил ѝ кажал и дека е дојдено времето кога таа ќе се пресели кај својот син. Како симбол за победа на животот над смртта ѝ предал рајска палмова гранка со барање да ја носат пред одарот за време на погребот. Богородица не почувствувала страв од веста дека за брзо време ќе умре, туку се израдувала затоа што се ближи моментот кога повторно ќе биде заедно со својот син. Му ја кажала веста на свети Јован, му ја предала рајската гранка и започнала да се подготвува за напуштање на овој свет. Посакала да ги види сите апостоли кои поради прогоните на Ирод, но и поради своите обврски да го шират христијанството биле насекаде низ светот. Носени од некоја таинствена сила сите апостоли веднаш пристигнале, со исклучок на Тома кој бил многу далеку и во тој момент не можел да дојде.

Кога Богородица починала, многу свеќи ја осветлувале просторијата, а апостолите пееле и го славеле Господа Исуса Христа. Богородица го очекувала својот син да ја поведе на небото. Во еден момент силна светлина ја исполнила просторијата, Исус слегол од небото со многу светци и ангели, а Богородица гледајќи го него извикнала: „Мојата душа го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој, оти ја погледна смиреноста на слугинката Своја, и ете, отсега ќе ме ублажуваат сите родови“, по што без болки ја предала својата душа во рацете на својот син. Тогаш ангелите го запеале поздравот од Благовештение: „Радувај се благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените“. Во тој момент апостолите виделе како со оваа песна ангелите, заедно со Исус, ја носат душата на Богородица кон небото. Лицето ѝ светело како сонце, а од телото се ширел пријатен мирис од кој се излечиле многу болни.
Погребувањето на Пресвета Богородица
Додека била на Земјата Богородица имала желба да биде погребана во Гетсиманската градина, каде што биле гробовите на нејзините родители Јоаким и Ана, но и на Јосиф. Таа нејзина желба била исполнета. За време на погребот светиот апостол Јован ја носел рајската гранка пред погребната поворка, апостолите го носеле телото на Богородица, а над нив се слушало пеењето на ангелите.
Светол облак ја завиткувал поворката и непријателите не можеле да се приближат, иако постојано ја следеле и се обидувале да ја растурат поворката, а телото на Богородица да го запалат. Во еден момент на едно место малку се поткренал облакот и се видел ковчегот во кој била Богородица. Тогаш еден од еврејските свештеници се затрчал кон него, го фатил со рацете за да го преврти. Но во истиот тој миг невидлив ангел со меч му ги отсекол рацете и дланките останале залепени на ковчегот. Свештеникот се покајал за тоа што сакал да го направи и заплакал, а апостолот Петар му рекол да ги допре рацете до пресечените дланки. Кога тоа го направил се случило чудо, рацете зараснале како никогаш да не биле пресечени. Сите што виделе се увериле дека Исус навистина е синот Божји и на тој ден многумина се крстиле и го примиле христијанството.
Гробот на Пресвета Богородица во Гетсиман
Гробот на Пречистата е едно од најголемите христијански светилишта. Станува збор за гроб во карпата каде според сведоштвото е погребана Пресвета Богородица.
Се наоѓа во црквата Успение на Пресвета Богородица во Гетсиман, во подножјето на западната падина на Маслиновата Гора во долината на Кедрон во Ерусалим, Израел.
Според преданието, Богородица умрела во Ерусалим, а во Гетсиман била погребана во гробот каде претходно биле погребани нејзините родители Свети Јоаким и Ана и праведниот Јосиф со кого била свршена. Бидејќи не бил во можност да присуствува на погребот апостол Тома дошол по три дена во Гетсиман и ги замолил да го отворат ковчегот за да се збогува со Света Марија (Богородица) и да се поклони пред нејзиното тело. Апостолите му ја исполниле желбата, го отвориле гробот, но телото не било внатре. Имало само некои погребни платна од кои се ширел пријатен мирис. Тогаш се јавила Богородица и им соопштила дека на третиот ден по погребот Исус ја воскреснал кревајќи ја на небото. Кога се упокоила Богородица имала 63 години, а има и тврдења дека имала 72 години.

Празникот Успение на Пресвета Богородица меѓу народот е познат како Голема Богородица се празнува на 28 август според новиот календар.
