Живеат без струја, интернет и немаат автомобили. Дознајте повеќе за животот на Амишите

Замислете си како ќе изгледа вашиот живот без мобилни телефони, интернет и телевизија. Без да се имате и да се возите во автомобили кои ќе го користите за да одите на работа, на одмор или пак до маркет. Нема и електрична енергија, што значи дека нема ни фрижидери, ниту електрични шпорети или пак други електрични уреди.
Мора да признаеме дека за повеќето од нас многу тешко е да замислиле таков живот, зошто така би се вратиле стотина години назад во времето. Но, за илјадници луѓе во Америка, токму ова е реалноста и секојдневниот живот. Амишите се затворена заедница која донела одлука да продолжи да живее едноставен живот, затоа што веруваат дека модерната технологија нанесува повеќе штета врз човечките животи отколку што ги подобрува. Веруваат дека современите технолошки достигнувања ги прават луѓето да бидат поодалечени помеѓу себе и на тој начин се губат семејните и пријателски врски и односи.
Наместо брзањето и стресот што го карактеризираат денешниот свет, тие избираат мирен живот, фокусиран на земјата, семејството и верата. Додека поголемиот дел од светот се прашува како да преживее без интернет дури и еден ден, Амишите со векови покажуваат дека тоа може да се направи, и тоа многу успешно!

Кои се Амишите?
Корените на Амишите датираат од 17 век, за време на протестантската реформација во Швајцарија и Германија. Следејќи ги учењата на нивниот водач Јакоб Аман, тие се одвоиле и формирале своја, строго заснована црковна заедница. Во потрага по верска слобода и мирен живот, тие масовно мигрирале преку океанот во Соединетите Американски Држави во текот на 18 век. Таму пронашле плодна почва за зачувување на своите обичаи, а повеќето од нив се населиле во државите Пенсилванија, Охајо и Индијана.
Се проценува дека денес има повеќе од 380.000 Амиши. Интересен е фактот дека нивното население на секои дваесет години се дуплира. Просечното семејство има до седум деца, а огромното мнозинство млади луѓе, и покрај нивниот краток контакт со современиот свет, сепак одлучуваат да останат верни на традицијата и животот во заедницата.

Орднунг е непишан закон според кој се одредува секој детал од животот на Амишите
Од првиот ден од животот, секој Амиш е потопен во свет на јасно поставени правила што го обликуваат нивниот секојдневен живот. Овие правила не се напишани во книги, ниту пак можат да се најдат на хартија. Тоа е „Орднунг“, непишан кодекс на однесување што се пренесува од генерација на генерација. Тој диктира речиси сè: како ќе изгледа облеката, какви алатки ќе им биде дозволено да користат, па дури и како членовите на заедницата ќе се однесуваат едни кон други и кон Бога. Мажите што стапуваат во брак се должни да пуштат бради, а мустаќите се строго забранети бидејќи потсетуваат на војската и милитаризмот. Жените, од друга страна, носат едноставни фустани во неутрални бои и бели молитвени капи што симболизираат скромност и посветеност на религијата.

Електричната енергија од јавната мрежа се смета за опасност за заедницата, па затоа наместо светлината на светилките и бучавата од машините, амишките населби се исполнети со керозински ламби, крцкањето на дрвените тркала и тропањето на чеканите во работилницата. Наместо автомобили, тие возат кочии влечени од коњи, а нивната економија се базира на земјоделство, физичка работа и занаети. Сèуште ги ораат полињата со плугови влечени од коњи. Куќите ги градат заеднички, без помош на модерната технологија и во согласност со принципите на едноставност и самоодржливост.

На училиште одат до осмо одделение и се воспитуваат да ја почитуваат верата
Во амишките заедници, школувањето завршува многу порано отколку во остатокот од светот. Децата одат на училиште само до осмо одделение, а потоа се вклучуваат во секојдневните работи на семејството и заедницата. Високото образование се смета за закана бидејќи би можело да ги оддалечи младите луѓе од традицијата и да ги доближи до „секуларниот живот“, што е во целосна спротивност со вредностите што тие се стремат да ги зачуваат.
Часовите најчесто се одржуваат во мали училишта со една училница каде што еден наставник ги учи децата од различни возрасти. Учениците учат да читаат, пишуваат и бројат, но подеднакво важно знаење се пренесува преку практични вештини, од земјоделство до основни занаети, и преку постојано всадување на религиозни вредности.
Религијата е неразделно поврзана со нивниот секојдневен живот. На секои две недели, целата заедница се собира на богослужба, која се одржува во приватни домови, а не во цркви. Фотографијата е забранета бидејќи поттикнува суета и го нагласува поединецот пред заедницата. Амишите не служат во војска, го отфрлаат насилството и го негуваат идеалот за мирен живот, секогаш во хармонија со природата и меѓусебното заедништво.

Бракот кај Амишите
Во културата на Амишите, бракот е основата врз која почива целата заедница. Младите луѓе обично стапуваат во брак во раните дваесетти години, а сексуалните односи пред бракот се строго забранети. Развод не постои, додека бракот со „Англичаните“, како што ги нарекуваат сите луѓе надвор од нивната заедница, значи отфрлање и прекинување на сите врски. Оние што ја напуштаат заедницата честопати губат контакт не само со пријателите, туку и со сопственото семејство, бидејќи се сметаат за „изгубени“ според правилата на Амишите.
Мажите работат на полињата, се грижат за добиток или се занимаваат со занаети, додека жените се одговорни за домаќинството и одгледувањето деца. Просечното семејство има шест до седум члена, па затоа куќите одекнуваат од детски гласови и постојана работа. Сепак, она што го прави семејството силно е заедничката работа. Сите си помагаат едни на други, а грижата за старите лица е дел од секојдневната рутина, исто толку важна како и обработката на земјата или подготовката на храна.

Иако на прв поглед се чини дека Амишите се „заробени во временска капсула“, нивниот начин на живот е далеку од пасивно држење до минатото. Тие развиле одржлив систем базиран на заедништво, скромност и живеење во хармонија со природата. На нивните фарми не се користат нови индустриски методи. Храната се одгледува рачно, а мебелот и ракотворбите се познати по својот квалитет и се ценети дури и надвор од амишките заедници.
Извор: https://putnikofer.hr/kultura-i-zivot/tko-su-amisi-obicaji-i-kultura

