|

Значење на празникот Прочка

Сподели на:

Прочка е еден од најубавите христијански празници. Според традицијата, помладиот треба да побара прошка од постариот. И секој секому му вели: „Прости ми“, по што следи одговoр: „Простено да ти е од мене и од Бога“. Така прави секој кон секого, и машко и женско, помладиот кон постариот, но потоа и постариот кон помладиот.

Празникот Прочка секогаш се паѓа во недела. Не го менува денот, но датумот го менува. Затоа се смета за подвижен празник, односно празник со непостојан датум. Прочка е поврзана со Велигден, па од времето кога ќе се празнува Прочка, зависи од тоа кога ќе се празнува и Велигден. Седмата недела по Прочка се слави Велигден.

Самиот збор „прочка“ доаѓа од старомакедонскиот словенски збор „проштение“ = простување или од „проштати“ = проштава. Прочка го означува почетокот на велигденскиот пост. Целта на празникот е со проштавањето, со покајанието и со чиста душа да се започне велигденскиот пост.

За Прочка се прави заедничка вечера во семејството на која се запокладува со сирење и јајца. Вечерата завршува со амкање јајца за децата, што претставува детска радост и добро расположение. А вистинската смисла на сето тоа е дека пред постот, на последното јадење, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце и потоа, на Велигден ја отвораме и замрсуваме со црвено јајце. Мрсењето завршува во Белата недела, со бело јајце и пак започнува со јајце, но црвено – велигденско, на празникот Велигден.

Простувањето не треба да биде само формално, со обични изговорени зборови, туку вистинско, кое ќе се случи прво во нас, во срцето и во душата, а потоа и во устата, изговарајќи ги зборовите: „прости ми“ – „простено ти е“. Простувањето е завршено само тогаш кога сме преминале од простување во љубов. Тоа ќе значи дека вистински сме простиле или вистински ни простиле.

На Прочка на сите треба да им простиме сè. Дури и на непријателите. Да простиш, значи да не дозволиш веќе во срцето да ти влезе лоша желба или да ти падне лоша мисла на ум.

Да ти исчезнат лошите намери и планови. Очистеното срце да го наполниш со љубов.

За многу години Прочка !

 

Сподели на:

Слични Написи