|

Во прилепскиот храм „Св. Петка“ ќе се изложи икона на која има дел-честица од крстот на кој бил распнат Исус Христос

Сподели на:

По повод празникот Св. Константин и Елена во храмот „Св. Петка“ во Прилеп ќе биде изложена честица од Крстот на кој бил распнат Господ Исус Христос! На големиот христијански празник посветен на Светиот цар Константин и неговата мајка, светата царица Елена – жената која во Ерусалим го пронашла Чесниот и Животворен Крст, храмот „Света Петка“ со несокриена духовна радост ја соопштува на прилепската и пошироката јавност веста од исклучително значење за целиот христијански свет: „Од 3 јуни (вторник) и во текот на наредните неколку денови, во нашиот храм ќе биде изложена света реликвија – честица од токму оној Крст на кој беше распнат нашиот Спасител Исус Христос!“

Оваа бесценета светиња ќе биде вградена во специјално изработен реликвијар, поставен во икона со ликовите на Светите цареви Константин и Елена, како го држат Чесниот Крст. Иконата е рачно изработена со молитва и љубов од сестринството при манастирот „Св. Архангел Михаил“ – Варош, а донацијата е од прилепското семејство Јончески.

Црква „Света Петка“ Прилеп

Потеклото на оваа света реликвија засега е тајност, но сигурно е едно: Прилеп и храмот „Св. Петка“ стануваат едни од ретките места не само во Македонија, туку и во целиот христијански свет, кои ќе ја чуваат и изложуваат оваа можеби најсвета и најзначајна реликвија на христијанството. Чесниот Крст, кој низ вековите е извор на бројни чуда, исцеленија и благослови, од сега ќе биде на поклонение и молитва и за верниот христијански народ од Прилеп.

За царот Константин Велики и царицата Елена

Царот Константин Велики и неговата мајка, царицата Елена се многу заслужни за признавањето и ширењето на христијанството. Затоа Светата црква ги прогласила за светители и рамноапостолни, што значи по значење рамни на апостолите. Царот Константин спаѓа меѓу најзначајните личности во историјата на човештвото, бидејќи христијаните биле прогонувани многу време, а тој е првиот владетел на големата Римска империја што ја признал христијанската вера.

Марко Цепенков има запишувано за обичаите, верувањата и традицијата поврзана со празникот Св. Константин и Елена. Тој напишал дека во Прилеп Св. Константин и Елена биле покровители на трговскиот еснаф.

Под манастирот Свети Наум Охридски – Чудотворец, до самото езеро, има извор со лековита вода. Според верувањето оваа вода секогаш е лековита и секогаш ги рехабилитира душата и телото, но најмногу на празникот Св. Константин и Елена.

Има предание дека Свети Наум му рекол на таткото на една ќелава девојка да појди на денот кога се празнуваат Свети Константин и Елена и под карпата од каде што течела вода да ја измие девојката. Таткото направил така и ќерката оздравела и веднаш и пораснала убава и густа коса. Од тој ден па се до денес луѓе одат редовно на празникот кај изворчето под карпите на манастирот Свети Наум и се мијаат со водата верувајќи дека има лековито дејство.

Сподели на:

Слични Написи