Ноќва почнува летното сметање на времето: Часовниците се поместуваат еден час напред

Летното сметање на времето во 2026 година почнува ноќeска, во недела на 29 март. Во два часот по полноќ, стрелките на часовниците треба да се поместат еден час напред, односно наместо два, ќе биде три часот.
Иако ова значи дека ноќва ќе спиеме еден час помалку, промената ни носи подолги денови и повеќе дневна светлина во попладневните часови. Според официјалната уредба, ова сметање на времето ќе биде на сила до 25 октомври.
Зошто го менуваме времето?
Како и во најголемиот дел од европските земји, промената кај нас се случува двапати годишно:
- Последен викенд во март: Почнува летно сметање.
- Последен викенд во октомври: Почнува зимско сметање.
Оваа одлука е во согласност со Законот за сметање на времето од 1996 година и европските директиви. Сепак, вреди да се напомене дека Европскиот парламент уште во 2019 година изгласа укинување на сезонското поместување, но Советот на ЕУ сè уште нема донесено конечна одлука за тоа кога оваа практика дефинитивно ќе престане.
Кој не го менува времето?
Летното сметање не се применува насекаде. Исклучоци во Европа се Русија, Турција, Белорусија и Исланд, додека во светот времето не го менуваат Јапонија, Кина, Јужна Кореја и земјите од африканскиот континент.
Клучни придобивки од летното сметање
Главната цел на оваа мерка е подобра искористеност на дневната светлина и заштеда на електрична енергија. Со поместувањето на часовникот, попладневните часови стануваат посветли, што позитивно влијае на социјалните активности и туризмот.
