Црква Саграда Фамилија во Барселона
Занимливости за најпознатата црква во Шпанија

Оваа импресивна градба припаѓа на Римокатоличката црква. Ја дизајнирал шпанскиот архитект Антони Гауди, кој започнал да ја гради во 1882 година. До времето на неговата смрт во 1926 година била завршена само една четвртина од градбата. Иако досега се поминати неверојатни 143 години од почетокот на изградбата, оваа црква сеуште се гради. Планирано е градбата целосно да заврши во следната 2026 година, а таа година е избрана затоа што тогаш се навршуваат 100 години од смртта на архитектот Гауди. Црквата е во готски и модернистички стил, а оваа базилика не претставува само културен, туку и архитектонски симбол и е светско наследство на УНЕСКО.
Интересни се почетоците на изградбата на црквата. Хозе Марија Бокабела, шпански книжар и филантроп сакал да изгради многу убава црква во Шпанија. Го ангажирал архитектот Франциско Пола дел Вилар, но со него уште од почетокот имале многу несогласувања. Заради тие причини Вилар се откажал од работата, а на негово место дошол Антони Гауди кој во целост ги сменил првите планови и ги смисли уникатниот изглед на црквата посветена на семејството Ла Саграда.

Во капелата посветена на Богородица Ел Кармен се наоѓа гробот на главниот архитект Гауди, а во црквата се наоѓаат остатоци и од Бокабела, човекот кој го започнал целиот овој проект.
Во близина на црквата има планина Монтјуик која е висока 173,5 метри. Знаејќи го ова Гауди се решил највисоката кула на Ла Саграда Фамилија да биде висока 172,5 метри, односно 1 метро помалку од најблиската планина. Оваа своја одлука Гауди ја образложувал со зборовите дека човечкото дело не смее да го надмине Божјото дело.

Фасадите на црквата се вистински уметнички дела. Има три главни фасади и сите се извонредни! Фасадата на сцената на „Рождеството Христово“ која се наоѓа на источната страна целосно е завршена додека бил жив Гауди кој го имал голема желба да ја заврши во текот на својот живот. Интересно е што Гауди имал оставено и свои упатства за тоа како треба да изгледаат и другите две фасади.
Страсната фасада или западната фасада е посветена на Исус и неговото страдање. Преку неа се претставени гревовите на човекот. Јужната фасада или наречена фасада Глори е најголема и сеуште се гради. Оваа фасада е посветена на небесната слава на Исус и претставува пат кон Бога: Смрт, конечен суд и слава, додека Пеколот е оставен на оние што отстапуваат од Божјата волја. Планирано е да биде главна фасада која ќе нуди пристап до централниот дел на црквата.

Секој ден околу 12 000 туристи од целиот свет ја посетуваат базиликата Ла Саграда Фамилија, а годишно околу 4,5 милиони луѓе со што е најпосетена туристичка атракција во Шпанија.
Интересен е и податокот дека иако цело време се градела, сепак црквата 100-тици години немала соодветна дозвола за градење. Во 2016 година шпанските власти го откриле овој податок и затоа изработиле соодветна градежна дозвола која важи до 2026 година. Се проценува дека изградбата на црквата ќе чини околу 374 милиони евра.

Видео:
