Честит Илинден! Денес го славиме Светиот Пророк Илија

Денеска, на 2 август православните христијани го одбележуваат еден од најголемите и најпочитуваните празници во македонската традиција и христијанството – Илинден, посветен на Светиот пророк Илија.
Илинден за македонскиот народ има двојно значење: длабока духовна основа поврзана со светителот и силен историски печат асоциран со славното Илинденско востание и Крушевската Република.

Црковна служба во многу храмови кои го носат името на Свети Илија
Во селото Алданци (крушевско) во црквата посветена на „Свети Илија“, како секоја година така и годинава се одржа црковна служба. Оваа црква е изградена во 1937 година.
Бројни верници и жители од овој крај се собраа во домот Божји за заедно да го прослават патронот на црквата, да се помолат за здравје, мир и благосостојба на сите жители на нашата земја. Богослужби се одржаа и во многу други православни храмови кои го носат името Свети Илија.

Кој бил Светиот пророк Илија?
Свети Илија живеел околу 900 години пред Исус Христос и потекнувал од градот Тесвит (поради што е познат и како Тесвиќанин). Целата младост Илија ја минал во молитви, често повлекувајќи се во пустина за да може во тишина да се моли и да размилсува. Името Илија значи „крепост Господова“.
- Огнена кочија: Според преданието, пред крајот на земниот живот, Господ го вознесол на небото во огнена кочија со пламени коњи, предавајќи му го пророчкиот дар на својот наследник, пророкот Елисеј.
- Чудотворец: За време на својот живот направил многу чуда – го сопрел дождот за да ги казни грешните владетели, го умножил брашното и маслото на сиромашната вдовица и го воскреснал нејзиниот син, а со молитва симнал огнена искра од небото за да ја докаже вистинската вера.

Народни верувања:
- Громовник и клучар: Во народното верување Свети Илија се смета за светител кој „пали и гаси на небото“. Тој управува со летните грмотевици и ги отклучува облаците. Поради овие особини, во неговиот лик се пренесени и елементи од стариот словенски бог на громот, Перун.
- Заштитник на еснафите: Во минатото, Свети Илија важел за заштитник на кожуварите, самарџиите и ќерамидџиите кои на овој ден правеле општи гозби за своите работници.
- „Ден кога не треба да се работи“: Илинден се смета за тежок празник каде што од почит и страв од невреме не се работи на полето или не се прави некаква друга физичка работа.


Честит именден!
На сите што го носат името на светителот: Илија, Илко, Илинка, Илинденка, Илина, Иљо, Илчо и сите нивни варијации, им го честитаме именденот!
За многу години празникот Илинден! Нека светиот пророк Илија донесе здравје, закрила и благосостојба во секој дом.





