Спој на музиката и античката историја: Врбјанска Чука блесна во полн сјај со нотите на Драган и Ратко Даутовски

Еден од најпознатите неолитски локалитети во Пелагонија, археолошкото наоѓалиште Врбјанска Чука во Oпштина Кривогаштани, деновиве беше центар на уникатно културно збиднување. Локалитетот оживеа преку спектакуларната изведба на Драган и Ратко Даутовски, кои приредија вистинско музичко доживување за сите присутни.


Настанот привлече одлична посетеност од љубители на музиката и културното наследство, а прекрасната амбиентална атмосфера уште еднаш докажа дека уметноста и историјата можат совршено да се надополнуваат, враќајќи го духот на минатото во современ контекст.


За локалитетот Врбјанска Чука
Врбјанска Чука претставува значајно археолошко наоѓалиште (тумба) сместено на 2 километри источно од селото Славеј, во кругот на поранешниот земјоделски погон. Оваа исклучителна локација содржи остатоци од неолитска населба која припаѓа на Велушко-породинската културна група, каде што во минатото се откриени бројни артефакти од керамика, камен, кремен и коска, како и фасцинантен култен објект – жртвеник со систем од правоаголни касети од глина и кал. Покрај неолитското богатство, на локалитетот се откриени и средновековни јами (силоси за чување жито), а сите пронајдоци денес се чуваат во Заводот и музеј во Прилеп.

Општина Кривогаштани и градоначалникот Игор Каравилоски порачуваат дека и во иднина ќе продолжат активно да ги поддржуваат сите иницијативи и активности насочени кон истражување, заштита и промоција на овој уникатен историски локалитет, кој претставува вистинско богатство за регионот и пошироко.



