Вински фестивал во Битола

Сподели на:

Битола добива нов фестивал во кој виното, музиката и градското дружење ќе се спојат пред Офицерски дом. Од 7 до 9 мај ќе се одржи првото издание на – Вински фестивал Битола. Организаторите најавија дека фестивалот е замислен како нов градски настан што треба да ја надополни културно-забавната понуда на Битола и да создаде уште еден повод за дружење, дегустација и уживање во отворена фестивалска атмосфера.Деталите за првото издание ги соопштија, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, директорот на ЈОУ КИЦ Битола – Офицерски дом, Димитар Михајловски, претставникот на организацијата на Вински фестивал Битола, Пане Темов и претставник на бендот Паркети, кој е дел од музичката програма на фестивалот. „Очекувам прекрасни фестивалски денови, се надевам дека и времето ќе не послужи. И со ова Битола на туристичката мапа на Македонија уште еднаш се етаблира како град на културата, отворен град и за посетителите кои што ги очекуваме во голем број со една новина за градот Винскиот фестивал“ рече градоначалникот на Битола Тони Коњановски. Директорот на ЈОУ КИЦ Битола – Офицерски дом, Димитар Михајловски истакна дека Офицерскиот дом во Битола е простор кој има посебна симболика за Битола, а овој фестивал има цел да стане нов препознатлив бренд кој ќе го збогати културниот живот во градот под Тумбе кафе. Пане Темов, претставник на организацијата на Вински фестивал рече: – Сакаме да ја презентираме винската култура во Македонија, бидејќи во светот сме познати како винска земја. Од 7 до 9 мај на сцената пред Офицерски дом ќе настапат повеќе домашни изведувачи, меѓу кои резидент диџеј, B52, „Пауза за ракија“, DJ Александар Јорданов,„ Lockdown“, „Оркестар DIVA“, DJ Гоце Саф, „Zdrave Music“, „Љубојна“ и „Паркети“. Претставникот на бендот „Паркети“ најави дека настапот на фестивалот ќе биде дел од финалната вечер и дека публиката може да очекува концертна енергија што одговара на отворениот, градски карактер на настанот. Новиот директор на КИЦ најави дека кон крајот на мај ќе организираат саем на средните училишта и музички хепенинг, наменет за полуматурантите и нивна поддршка во полесен избор кон средното образование. Градоначалникот на Битола напомена дека Културниот и информативен центар КИЦ Битола годинава ќе биде за прв пат организатор на Битолското културно лето Битфест кое ќе се одржи по 18-ти пат. „Досега организатор беше Општина Битола со своите партнери, односно културни институции, а ова година Битфест ќе биде прв голем настан кој ќе го организира КИЦ Битола, рече битолскиот градоначалник.

Сподели на:

Слични Написи