Крушево „загрме“: Успешно се одржа РЕТРОКАНА првиот TSD натпревар во спретно возење кој е дел од државното првенство при Националната федерација за историски возила

Денеска во историското Крушево имаше ретка прилика да се погледнат историските возила. Официјално се отвори сезоната во автомобилизам со првиот TSD натпревар (Time-Speed-Distance) за Државното првенство во спретно возење.
Настанот, насловен како „РЕТРОКАНА” собра голем број на љубители на олдтајмерите и прецизното возење претворајќи го градот во центар на автомобилскиот спорт во Македонија.
Овој значаен спортски настан беше организиран од страна на олдтајмер клубомВМ Класик, а своја поддршка дадоа Министерството за спорт, Министерство за внатрешни работи и Општина Крушево.



Главната порака која одекнуваше низ крушевските улици беше „Пред сè безбедност во сообраќајот“. Организаторите и институциите ја искористија оваа прилика да ја подигнат свеста за одговорното однесување на патиштата, потенцирајќи дека адреналинот и брзината припаѓаат на контролирани патеки и организирани трки, а не во секојдневниот сообраќај.
„Ова не е само натпревар, туку доказ за техничката подготвеност на возачите и зачувување на автомобилската историја. Крушево уште еднаш покажа дека е идеален домаќин за вакви манифестации.“ изјавија дел од организаторите.

Што понатаму?
Со денешниот успех на Ретрокана патот за Државното првенство во спретно возење е широко отворен. Возачите ги освоија своите бодови, а публиката замина со полни срца и незаборавни фотографии од прекрасните историски возила кои продефилираа низ градот.






