|

Мартинки

Сподели на:

Мартинки традиционално се изработуваат во месец март и се симбол на доброто здравје и на пролетта. Најчесто се изработуваат со црвен и бел конец, а се плете во вид на нараквица која се става на раката.

Што симболизираат црвената и белата боја?

Црвената боја на мартинката значи живот, а белата чистота и здравје. Црвената боја има моќ на сонцето и му дава здравје, љубов, живот, победа и храброст на секое суштество, а белата боја е симбол на убавината, чистотата, невиноста и радоста. Мартинката се подарува во чест на Баба Марта и истата се носи на левата рака или закачена на облеката. Се верува дека секој оној кој носи мартинка на својата рака, ја носи за свое здравје.

Се вели дека ако некој ти подари мартинка, тој ти испраќа знак дека ти е вистински пријател и искрено ти посакува среќа.

Освен во Македонија, мартинки традиционално се изработуваат и во Романија, Грција и Бугарија.

Во однос на ставот на црквата за мартинките пренесуваме дел од објавата за мартинките од свештениците на Бигорскиот манастир:

Ако мартинката се носи неколку денови или една недела, дали како негување на стара традиција, дали како мода, дали во чест на нашите предци, дали како заедничко балканско културно наследство, дали заради забава или од некоја друга причина, тогаш не е во спротивност на Црковното учење.

Но, ако носењето мартинка стане суеверен и магиски, а со тоа и демонски обичај, тогаш таквото поведение не е во согласност со учењето на Црквата. Секако, секој е слободен да го послуша, или не, учењето на Црквата, и е одговорен за одлуките што ги носи.

Како носењето мартинка станува суеверие? Ако луѓето што ги носат веруваат дека мартинките, откако ќе ги стават на себе на први март, не смеат да ги извадат сѐ до доаѓањето на пролетта и ластовичките (или штрковите), и сѐ додека не расцути првото дрво; и ако, според истото погрешно верување, на крај мора да ги закачат на некое дрво и да си пожелаат добро здравје и среќа, со некаква вера дека желбите преку тој ритуал ќе им се исполнат, тогаш таквото верување, како и ритуал, немаат никаква врска со православната вера, туку се обично суеверие.

Вадењето на мартинката предвреме се смета за несреќа, и затоа луѓето ја чуваат со страв. Стравот е најголем показател дека во нешто е вмешан демонот. Како може од носењето или неносењето на нешто на себе да ни зависи животот и среќата?

Ние, христијаните, носиме на рака или во рака бројаница. Истото што е изложено за мартинката важи и за бројаницата за молитви. Бројаницата се носи за полесно да се концентрираме на молитвата, а не дека е нешто црковно и, како такво, самото по себе ни носи среќа. И носењето на бројаницата, исто така, може да биде суеверен чин.

Сподели на:

Слични Написи