Државниот студентски дом „Кочо Рацин” – Битола подготвен да ги прими студентите и оваа студиска година

Во пресрет на новиот конкурс за прием и сместување на студенти Државниот студентски дом во Битола информира дека институцијата е целосно подготвена да ја пречека новата генерација академски граѓани.
Севкупниот капацитет на домот изнесува 385 легла, од кои 77 легла се наменети за студентите-бруцоши, додека останатите се за студентите од втора до четврта година на студии. Месечната цена за сместување изнесува 6.990 денари, при што државата субвенционира половина од овој износ така што студентите плаќаат 3550 денари. Посебно нагласуваат дека студентите од социјално загрозени семејства, семејства со пониски приливи, како и децата на бранители, се целосно ослободени од плаќање на оваа партиципација.
Во однос на долго најавуванaта капитална реконструкција на домот, проектот моментално е во финална административна фаза. Извршени се сите неопходни мерења, сеизмички испитувања на носивоста и целосно се завршени потребните процедури од овој аспект. Очекувањата се дека официјално ќе започнат градежните работи за неколку месеци.
Во меѓувреме, домот функционира со полн капацитет, организиран во 5 павиљони, и е на располагање на студентите. На сите студенти (станари) домот им обезбедува два квалитетни оброци дневно – ручек и вечера, бонска продавница и солидно опремени соби.
Показателите од спроведените анкети на почетокот и на крајот од изминатата студиска година потврдуваат дека битолскиот студентски дом е на вистинскиот пат во својата модернизација и развој. Доби високи и позитивни оценки и во делот на сместувањето и исхраната, но особено за професионалниот однос и посветеноста на вработените кон студентите.
„Остануваме максимално транспарентни, отворени за соработка со медиумите и посветени на постојано унапредување на студентскиот стандард“ – порачуваат од Студентскиот дом во Битола..
