Вино, музика и традиција: Најголемата прослава на виното во Македонија се враќа!

Сподели на:

Есента носи со себе бои, мириси и една од најзначајните прослави во Македонија – Тиквешкиот гроздобер. Оваа година, Кавадарци повторно ги отвора своите порти за илјадници посетители за заедно да ја прослават плодноста на лозјата и да ја продолжат вековната традиција на производство на вино.

Почетоци на Тиквешкиот гроздобер

Идејата за организирање на Тиквешкиот гроздобер ја дал менаџерот на групата „Мањифико“, Борис Низамовски во февруари 1964 година кога неговата група гостувала во Кавадарци, инспириран од една слична гроздоберска манифестација во градот Дижон-Франција.

Токму тоа било и основната причина поради која општинското раководство на Кавадарци, Љупчо Шкартов и Киро Роглев, во 1964 година го организира првиот Тиквешки гроздобер, манифестација која има културен, туристички и стопански карактер.

Фотографија од Кавадарци за време на Тиквешкиот гроздобер

Во последните години во просек околу 150 000 посетители доаѓаат во Кавадарци во текот на трите дена додека трае гроздоберот, а на главната вечер има околу 60 000 посетители. За финансиските придобивки на граѓаните, бизнис секторот и општината сведочи и податокот дека околу еден милион евра е износот на средства кои се вртат во платниот промет во овој период. Народот навистина знае како да ужива во вкусот на македонското вино, а тоа се докажува и со податокот дека во време на гроздоберот се пијат околу 30 тони вино.

Што може да очекувате?

Тиквешкиот гроздобер не е само настан, тоа е доживување што ги обединува сите сетила. Подгответе се за:

  • Најдоброто македонско вино: Ќе имате можност да дегустирате врвни вина од најпознатите винарии, но и од мали семејни лозари, кои со љубов и посветеност ги создаваат своите напитоци. Зачинетата приказна за секое шише вино ќе ве одведе на патување низ вкусот и традицијата.
  • Богата културно-уметничка програма: Сцената во Кавадарци ќе биде епицентар на музиката и културата. Очекувајте настапи на познати македонски и регионални музички ѕвезди. Во трите дена на Тиквешкиот гроздобер ќе уживате во песните на Тајзи, Куку Леле, Андријана Петрушовска, Трио Мањифико, Наташа Беквалац, Теодора Џехверовиќ, Харис Џиновиќ, Либеро бенд и Марија Шерифовиќ. Освен музика има и голем број на други настани кои ќе го привлечат вниманието на посетителите: изложба на олдтајмери, мото рели, изложба на скулптури, програма за деца… За крај ќе го спомнеме традиционалниот Тиквешки карневал, кој е едно од главните обележја настанот на Тиквешкиот гроздобер.

Фотографија од Кавадарци за време на Тиквешкиот гроздобер

Тиквешкиот гроздобер е многу повеќе од фестивал. Тоа е почит кон корените, традицијата и работата на лозарите што ја чуваат душата на овој крај. Тоа е место каде што се среќаваат генерации, каде што се раскажуваат приказни и каде што се слави животот. Секој момент во овие три дена е шанса да се почувствува духот на Тиквешијата.

Затоа, ве покануваме да бидете дел од оваа незаборавна прослава. Придружете се на сите што се подготвени да уживаат во врвното вино, одличната музика и најубавата атмосфера на Тиквешкиот гроздобер.

Сподели на:

Слични Написи