Со богата културно-уметничка програма во МНТ одбележан Националниот ден на Власите – 23 Мај

Со многу емоции, традиционална музика и прекрасна атмосфера, денеска во преполниот салон на Македонскиот народен театар (МНТ) во Скопје свечено беше одбележан Националниот ден на Власите – 23 Мај. Годинава, централната манифестација помина во знакот на одбележувањето на 121 година од признавањето на Власите како посебен народ.Настанот привлече голем број гости од општествениот, политичкиот и културниот живот во земјава. Меѓу присутните кои дадоа поддршка на ова значајно чествување беа и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, како и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Традиција, култура и историја на едно место Манифестацијата започна со прием на гостите во 11:30 часот, а официјалниот дел стартуваше точно напладне. Присутните имаа можност да уживаат во исклучително богата културно-уметничка програма, која на совршен начин ги спои традиционалните и модерните ноти на влашката култура. Покрај многуте познати музички имиња како крушевчанките Ребека и Леона Јанкоски, Александар Тарабунов…настапија и учениците од Крушево, Штип и Велес кои изучуваат влашки јазик.

„Влашката заедница е нераскинлив дел од мултикултурниот мозаик и историја на нашата земја. Прославата на овој ден е уште еден доказ за стремежот да се зачуваат традицијата, јазикот и културното наследство за идните генерации“, коментираа присутните.Прекрасниот настан уште еднаш покажа дека влашката традиција и култура живеат со полн сјај, а Скопје и достоинствено и со гордост го одбележа овој голем национален празник.


