Виктор Димитриевски и Бојан Илиевски победници на најгледаните балкански музички натпревари

По уште една незаборавна сезона исполнета со силни емоции, врвни настапи и инспиративни животни приказни, синоќа беше заокружено големото финале на популарното музичко шоу „Никогаш не е доцна“ (Nikad nije kasno).
Единаесеттата сезона на ова омилено регионално натпреварување донесе дури три победници, избрани преку гласовите на СМС публиката, Фејсбук корисниците и стручното жири.
Виктор Димитриевски е победник на СМС публиката!
Македонија има добра причина за славење! Титулата победник според гласовите на СМС публиката ја понесе Виктор Димитриевски од Куманово. Виктор во текот на целата сезона ги освојуваше симпатиите на гледачите со своите автентични настапи и неверојатна енергија, а до триумфот стигна освојувајќи точно 5.634 гласови од публиката.
Кои се останатите победници во „Никогаш не е доцна“?
Кога станува збор за гласањето на социјалните мрежи, најголема поддршка од онлајн публиката доби Јасмин Селмановиќ од Сјеница, кој победи на Фејсбук гласањето со освоени 19.605 гласови.
Од друга страна, според одлуката на стручното жири, победничка на 11-тата сезона е Ивана Шалипур Лола. Таа со својот раскошен талент, емоција и впечатливи интерпретации во текот на целото натпреварување остави најсилен впечаток кај жирито и заслужено триумфираше во оваа категорија.
Уште еден триумф за Македонија: Бојан Илиевски победи во „Ѕвездите на Гранд“!
Скопјанецот Бојан Илиевски ја испиша најубавата страница од својата музичка приказна, однесувајќи ја победата во големото финале на „Ѕвездите на Гранд“ (Zvezde Granda). Бојан уште еднаш докажа дека упорноста, макотрпната работа и верата во себе на крајот се исплатуваат.

Неговиот пат до тронот беше сè, само не беше лесен. Пред четири години, Бојан со својата трогателна животна приказна го расплака целиот регион, но и својата тогашна менторка Светлана Цеца Ражнатовиќ. Тогаш, со емотивните изведби на песните „Син“ од Шериф Коњевиќ и „Кафанац“ од Шабан Шаулиќ, тој освои шест гласови од жирито и ги придоби симпатиите на публиката.
Сепак, и покрај големиот потенцијал, тогаш не успеа да го оствари својот сон. По четири години пауза, тој реши да си даде уште една шанса, а во оваа сезона за свој ментор го избра рокерот Ѓорѓе Давид. Тој веднаш го препозна неговиот раскошен талент и цврсто веруваше дека Бојан може да направи огромен резултат.
Ѓорѓе Давид уште за време на натпреварувањето му упати моќни зборови и совети кои очигледно вродија со плод:
„Испеа така што ова е твоето најдобро појавување досега. Те познавам и имам еден совет за тебе – доколку бидеш дисциплиниран и немаш настапи непосредно пред снимањата, ти ќе дотуркаш многу далеку“ му порача тогаш неговиот ментор кој вети дека ќе се бори за него до самиот крај.
Ваквата верба, строга дисциплина и меѓусебна доверба го донесоа Бојан до заслужената победа и титулата на нов шампион на „Ѕвездите на Гранд“.
Честитки до нашите Виктор Димитриевски и Бојан Илиевски за извонредниот успех и достоинственото претставување на Македонија!
